Ковид-19

Благо намалување на бројот на хоспитализирани во Куманово

20.09.2021 14:08

Релативно стабилна е состојбата во кумановската болница. Во модуларната болница и инфективниот оддел се хоспитализирани 62 лица, од кои дури 52 се на кислородна поддршка. Само 15 проценти од нив се вакцинирани. Деновиве има наплив на пациенти од Кратово и Крива Паланка.

Благо намалување на хоспитализации и амбулантски прегледи на ковид позитивни пациенти регистрира кумановската болница. Во модуларната болница се сместени 40, а на инфективниот оддел 22 пациенти. Дневната болница ја посетуваат околу 50 граѓани, кои примаат терапија два пати во денот. Од 62 вкупно хоспитализирани, дури 52 се на кислородна поддршка, информираат од болницата. Последниве денови има наплив на пациенти од Кратово и Крива Паланка.

Некои се без коморбидитети, но има и такви со прекумерна телесна тежина, дијабет и други заболувања кои малку потешко се справуваат со болеста, но оние што се кај нас се во стабилна состојба“, вели директорката на Општа болница Куманово, Снежана Захариева.

Од кумановската болница дополнуваат дека е мал бројот на вакцинирани од хоспитализираните, можеби само 15-ина проценти се имунизирани со една или две дози.

Од општата болница нагласуваат дека од хоспитализираните сѐ уште е доминантна возрасната група од 50 до 70 години. Но велат сѐ повеќе има и млади пациенти.

Од здравствената установа од најголемата општина во државата, нагласуваат дека се подготвени со капацитети, но и кадар, да помогнат на сите ковид позитивни пациенти. Куманово е меѓу градовите со најголем број заболени. Во моментов активни се 914 лица. По компликации од вирусот, минатата седмица починале дури 14 лица, а од почетокот на епидемијата во Куманово се регистирани 414 починати, со што градот е на четвртото место, веднаш зад Скопје, Прилеп и Тетово.

 

Елена Георгиевска