Македонија

Извештајот од германските експерти се очекува за десетина дена

20.09.2021 14:47

Извештајот на германските форензичари за пожарот во тетовската модуларна болница се очекува за десетина дена, а од нашите истражители и порано, вели премиерот Заев. Државниот санитарен и здравствен инспекторат соопшти дека при вонредниот надзор не биле констатирани недостатоци. Посетите се збранети, персоналот вакциниран. Опозицијата инсистира на независна истрага и смета дека премиерот и министерот од сегашните позиции можат да влијаат врз истрагата...

Можеби ќе ги прифатам оставките, а можеби и не, се зависи од истрагата, вели премиерот Заев. Извештајот на германските истражители кои дојдоа напомош треба да биде готов за 10 до 15 дена, а од нашите институции уште неделава. Знам дека граѓаните бараат одговори, но да не избрзуваме, истакна претседателот на владата.

Во меѓувреме, објавен е извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. По извршениот вонреден надзор на модуларните болници, од инспекторатот велат дека не се констатирани недостатоци., тврдат оти секаде било истакнато дека е забранета посета, роднини на пацинети не затекнале, иако имаше такви сведоштва. Истакнати биле и распоредите со дежурства на здравствените работници.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека ја доставило сета документација што ја поседуваат до надлежните институции. Сепак, ресорната министерката не сакаше да ги коментира прашањата за тоа кој бил надзор и кој потпишал технички прием на болницата.

И 12 дена по трагедијата, наместо одговорните да бидат со лисици на рацете, ние гледаме како се затвораат роднини на починатите кои протестираа, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија потсетуваат – се уште чекаме одговор на прашањата за модуларната болница во Тетово.

И додека опозицијата бара фер и независна истрага, од власта посочуваат на транспарентноста на процесот, во коишто се вклучени и странски експерти.

 

Марија Котовска