Линдберг подготвен за реваншот со Вардар
Актуелниот европски ракометен првак Хамбург добива големо засилување за осминафиналниот реванш од ЛШ против Вардар, откако клубот информираше дека Данецот Ханс Линдберг е во комбинација за неделниот меч.

Данскиот крилен играч, кој лани беше најдобар стрелец во престижната европска клупска конкуренција речиси месец и пол беше отсутен од теренот поради скршеница на прстот на раката, своето враќање ќе го има вечерва на Бундеслигашкиот дуел против Фуксе Берлин.
Лидерот на екипата бранител на европскиот трон, работел напорно во периодот на рехабилитација и го издржал без болки последниот тренинг па со нетрпение чека да ги прифати идните предизвици на клубот и во Германија и во Европа.
Линдберг кој не „закопа“ на ЕП во Србија 2012-та, се повреди на првенствениот меч со Мелсунген на 13 февруари. Дури по завршувањето на мечот на кој постигна 15 гола, беше откриена скршеница на еден од прстите на раката.
Неговото враќање во екипата на Хамбург како и помилувањето на Паскал Хенс, драстично ќе му ја отежнат работата на нашиот ракометен првак Вардар на осминафиналниот реваншот в недела.
