АУКУС

ЕУ: САД беа нелојални и нетранспарентни

21.09.2021 10:05

Официјален Брисел бара појаснувања од Вашингтон за намерите на индо-пацифичкиот сојуз со Лондон и Канбера. Поради АУКУС, Франција загуби вреден договор за испорака на подморници во Австралија.

„САД покажаа недостиг на лојалност и транспарентност“, обвини Европската унија, коментирајќи ја кризата по создавањето на новото стратешко партнерство „АУКУС“. Официјален Брисел бара појаснувања од Вашингтон за намерите на индо-пацифичкиот сојуз со Лондон и Канбера. Поради АУКУС, Франција загуби вреден договор за испорака на подморници во Австралија.

„Одбранбениот сојуз меѓу трите земји беше објавен на истиот ден минатата недела, случајно, кога ние ја претставувавме нашата стратегија за Индо-Пацификот. Се разбира дека бевме изненадени од најавата и наглото откажување на договорот за подморници меѓу Франција и австралиската влада. Министрите изразија солидарност со Франција“, изајви Џозеп Борел, шеф на европската дипломатија.

Револт и разочараност во Париз. Француското МНР го обвини својот долгогодишен сојузник за занемарување на основните интереси на Европа.

„Заедничките дискусии се дел од основните принципи на партнерството, сојузништвото. Не треба да криеме работи за да претставуваме стратегии поинакви од оние кои сме им ги покажале на партнерите. Токму тоа е она што нè изнанеади и шокира. Затоа постои криза во довербата, покрај непочитувањето на договорот. Како Европа да нема сопствен интерес во одбраната на регионот“, рече Жан-Ив Ле Дриан, министер за надворешни работи на Франција.

Минатата недела претседателот Џо Бајден ја соопшти одлуката за новиот пакт со кој Австралија добива најмалку 8 подморници на нуклеарен погон со кој ќе се заменат 12-те дизел-електрични модели кои требаше да ги изгради Франција. Париз одговори со отповикување на своите амбасадори од САД и од Австралија.