Не стивнуваат реакциите за пактот „АУКУС“
Покрај дипломатската и трговската, Франција тврди дека новиот безбедносен пакт предизвикал и криза на довербата. Европската унија ги обвини САД за нелојалност. Австралија и натаму тврди - Париз знаеше што ќе се случи во Индо-пацификот...

„САД покажаа недостиг на лојалност и транспарентност“, обвини Европската унија, коментирајќи ја кризата по создавањето на новото стратешко партнерство „АУКУС“. Официјален Брисел бара појаснувања од Вашингтон за намерите на индо-пацифичкиот сојуз со Лондон и Канбера. Поради „АУКУС“, Франција загуби вреден договор за испорака на подморници во Австралија.
„Одбранбениот сојуз меѓу трите земји беше објавен на истиот ден минатата недела, случајно, кога ние ја претставувавме нашата стратегија за Индо-Пацификот. Се разбира дека бевме изненадени од најавата и наглото откажување на договорот за подморници меѓу Франција и австралиската влада. Министрите изразија солидарност со Франција“, изјави шефот на европската дипломатија, Џозеп Борел.
Револт и разочараност во Париз. Француското МНР го обвини својот долгогодишен сојузник за занемарување на основните интереси на Европа.
„Заедничките дискусии се дел од основните принципи на партнерството, сојузништвото. Не треба да криеме работи за да претставуваме стратегии поинакви од оние кои сме им ги покажале на партнерите. Токму тоа е она што нè изнанеади и шокира. Затоа постои криза во довербата, покрај непочитувањето на договорот. Како Европа да нема сопствен интерес во одбраната на регионот“, рече Жан-Ив Ле Дриан, министер за надворешни работи на Франција.
Австралискиот премиер Скот Морисон на средби во Њујорк. И натаму тврди дека Франција знаела претходно за планот.
„Им појаснивме дека конвенционалните подморници нема да бидат доволни за нашите стратегиски интереси. Им објаснивме и што ни е потребно од подморниците. Тоа им беше кажано пред многу месеци“, нагласи австралискиот премиер, Скот Морисон.
Минатата недела претседателот Џо Бајден ја соопшти одлуката за новиот пакт со кој Австралија добива најмалку осум подморници на нуклеарен погон со кој ќе се заменат 12-те дизел-електрични модели кои требаше да ги изгради Франција. Париз одговори со отповикување на своите амбасадори од САД и од Австралија.
Маја С. Филдишев
