Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка
Вкупните депозити во август годинава се повисоки за 9,9% на годишно ниво кај двата сектора, корпоративниот и домаќинствата, каде што растот е поизразен...

Вкупните депозити во август годинава се повисоки за 9,9% на годишно ниво кај двата сектора, корпоративниот и домаќинствата, каде што растот е поизразен. На годишно ниво, вкупните кредити, пак, во август, бележат раст од 6,4 проценти, при зголемено кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства.
Како што соопшти Централната банка, депозитите на корпоративниот сектор во август бележат раст за 4% на месечно ниво, при што зголемување има кај депозитите во странска валута и намалување на денарските. Кредитите на корпоративниот сектор во август се намалени за 0,8% на месечно ниво, додека на годишно тие се повисоки за 4,5% што во најголем дел се должи на задолжувањето во денари.
Вкупните депозити на домаќинствата во август се повисоки за 0,9% на месечно ниво, додека кредитирањето е зголемено за скромни 0,2%. На годишно ниво кредитирањето на домаќинствата е зголемено за 7,9%, при што доминираат кредитите во денари.
Најзастапени се потрошувачките кредити и кај нив има раст од 6,9% на годишно ниво. Кај станбените зголемувањето е највисоко, изнесува 16,2%, додека кај автомобилските е забележан пад од дури 17,5%. Исто така има пад и на задолжувањата со кредитни картички и тие се намалени за 9,9%, соопшти Народна банка.
