Се намалува бројот на ковид пациенти во велешката болница
Намален е бројот на пациенти кои се згрижени во трите ковид одделенија на велешка болница. Се намалува и интересот за вакцинација на велешани...

Се намалува бројот на пациенти кои се згрижени во ковид одделенијата од велешка болница, но и бројот на граѓани кои се вакцинираат. Ако во саботата имаше хоспитализирано 69 пациенти, денес претпладнево таа бројка е намалена. Но, тоа што загрижува е што дури тројца велешани починаа од последиците на корона вирусот во еден ден, неделата и вкупниот број смртни случаи во велешко достигна до 193.
Од академската популација заразени со вирусот во Велес се шест студенти, има две заразени деца од претшколска возраст, од популацијата во основно има пет ученици позитивни на Ковид-19 и во средното образование во Велес има седум ученици.
Бројот на активни случаи во велешко до вчера изнесуваше 284. Од утре вакциналниот пункт во Велес ќе работи само во една смена, поради намалениот интерес и заинтересираните ќе примаат вакцина „Фајзер“ и „АстраЗенека“ за лицата над 60 годишна возраст.
Опфатот со вакцинацијата против корона вирусот во велшко е 50 отсто или секој втор жител во општината. Минатата седмица по барање на жителите на село Иванковци, извршена била дополнителна теренска вакцинација при што биле аплицирани 31 вакцина. И натаму продолжува вакцинацијата по дома за стари, изнемоштени, болни или лица со попреченост.
Петар Печков
