Директен лет Скопје- Санкт Петербург, авиосообраќајот постепено закрепнува
Скопје воздушно се поврза и со руски Санкт Петербург. Авиосообраќајот постепено закрепнува-велат од „ТАВ Македонија“. Договорот за субвенционирање на летови на нискобуџетската „Виз ер“ останува замрзнат до укинување на рестрикциите за патување на секоја земја одделно кон која се субвенционираат летовите. Според министерот Бочварски парите се на располагање, а следната година проектирано е да продолжи финансиската поддршка за евтини авиолинии...

Пари за субвенции за евтини авиолинии ќе има и од следниот буџет- најавуваат надлежните. Првиот квартал следната година завршува финансиската поддршка на „Виз ер“, договорот за исплата и по речиси три месеци останува замрзнат додека не се исполнат договорните обврски за реализација на летовите што се субвенционираат. Според министерот Бочварски, средствата стојат на располагање, а привременото мирување на договорот ќе биде прекинато откако ќе се укинат рестрикциите за патување за секоја земја одделно кон која сообраќа нискобуџетската компанија .
Авиосообраќајот полека закрепнува, за осум месеци регистриран е пораст од 48 насто на годишно ниво споредено со истиот период лани, по падот на бројот на патници од над 50 насто остварен во 2019-тата пред пандемијата.
По Москва, со нова авиолинија Скопје воздушно се поврза и со руски Санкт Петербург . Летови со почетна цена од 60-тина евра ќе има еднаш неделно, а надлежните очекуваат новата авиолинија да го зголеми и бројот на руски туристи во државава и да ги олесни бизнис-патувањата.
Сузана Фиданска Стоевска
