Бесарт Абдурахими ќе игра за Македонија

27.03.2014 19:53

Фудбалерот на израелскиот Хапоел Тел Авив, Бесарт Абдурахими ја прифати понудата да настапува за репрезентацијата на Македонија.

Албанецот со македонско потекло треба да дебитира во составот на Бошко Ѓуровски на мајскиот подготвителен собир во Австрија каде што ќе и се спротивставиме на селекцијата на Камерун во пријателски натпревар.

ФФМ е постојано во преговори за ангажман на неколку талентирани фудбалери со македонско потекло,па така е активирана и можноста да му се додели пасош на 23 годишниот Абдурахмани кој игра како крилен напаѓач, но и во средниот ред.

Бесарт Абдурахмани, кој е роден во Загреб по потекло е од Гостивар, а фудбалската кариера ја почнува во ФК Загреб каде што три години игра за првиот тим. Оваа година прави трансфер во Хапоел Тел Авив и на 10 натпревари трипати се запишува во листата на стрелците.

Фудбалерот за кој пред заминувањето за Израел, хрватските медиуми пишуваа дека е интересен за Лацио и за Лион, има настапи за „коцкестите“ селекциите до 19 и до 21 година, но тоа нема да биде пречка тој да дебитира за сениорската селекција на Македонија.