Свечено затворено 42-то издание на „Браќа Манаки“
Со доделување на наградите и проекција на филмот „Титаниум“, синоќа се спушти завесата на 42-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Златната камера 300 доделена на кинематограферот Јани- Петери Паси за филмот „Купе број шест“...

По старата традиција, воведот во последната фестивалска вечер во знакот на меѓународното жири. На видео обраќањата на добитниците на највисоките награди, љубителите на филмот возвратија со громогласни аплаузи. Уште една потврда дека фестивалот „Браќа Манаки“ на вистински начин ги вреднува делата на кинематограферите.
Најпрестижната награда Златна камера 300 за дриекторот на фотографија Јани-Петери Паси за филмот „Купе број шест“. Сребраната отиде во рацете на Каспер Туксен за филмот „Најлошата личност на светот“, а Бронзената камера 300 му припадна на Рубен Импенс, за филмот „Титаниум“ кој синоќа беше и последната проекција на фестивалот.
Во официјалната конкуренција на десетте краткометражни филмови за најдобри оценети се ефектите на младата кинематограферка Жоана Силва Фернандез во филмот „Низ маглата“.
Зад нас се шест фестивалски вечери кои понудија богата програма и во услови на ковид пандемија. Нови вредности на годинешното издание му даде и отворената урбана оф- програма, а пред сѐ пораката која беше дадена пред почетокот на манифестацијата- во организацијата на фестивалот да бидат вклучувани што повеќе ентузијасти од градот на првите балкански сниматели.
Стевче Митревски
