Мултисистемски инфламаторен синдром кај деца кои асимптоматски имале Ковид-19

22.09.2021 12:49

Вирусот Ковид- 19 кај децата најчесто дава полесна клиничка слика која се третира само со симптоматска терапија. Сепак, неопходно е секој случај внимателно и претпазливо да се следи, истакна проф. д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести и претседател на Здружението на педијатри...

Вирусот Ковид- 19 кај децата најчесто дава полесна клиничка слика која се третира само со  симптоматска терапија. Сепак, неопходно е секој случај  внимателно и претпазливо да се следи,  истакна проф. д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести и претседател на Здружението на педијатри.

Предупредува дека мултисистемски инфламаторен синдром се јавува кај деца кои биле асимптоматски случаеви или имале блага клиничка слика, а по период од две до четири недели развиваат болест, односно нова состојба која се манифестира пред сè со многу висока температура, над 39 степени па и 40 степени, која трае повеќе денови и која не се спушта со антипиретици.

„Се јавуваат промени по кожата од типот на осип кој се јавува на лицето, на рацете, на телото, може да имаат и осип во устата, очите стануваат црвени, конјуктивите се хиперемични, настанува и воспаление на белите дробови, срцева слабост, тахикардија, бледило на кожата. Мултисистемски инфламаторен синдром предизвикува кај децата и стомачни тегоби, болки, гадење, повраќање,  ентероколит, како и бубрежна инсуфициенција, пореметување на коагулација на крвта, пореметување на свеста, главоболки и грчеви“, вели д-р Софијанова.

Кога се во прашање на пост-ковид состојби, праксата покажува и зголемен број на деца со воспаление на слепо црево, зголемен број на случаи со јувенилен дијабетес, како и пораст на малигни заболувања, но, сепак ќе треба дополнителни истражувања за да може да се потврди дали постои нивна поврзаност со Ковид- 19.

Во однос на вакцинацијата, д-р Софијанова дава целосна поддршка за вакцинација на децата над 12-годишна возраст, како и тие кои имаат хронично заболување.