Делта сојот на Ковид-19 останува доминантен
СЗО предупреди- делта варијантата останува доминантна. Од Ковид- 19 досега починале над 4,5 милиони луѓе. Проблемот со вакцините и предизвиците на пандемијата – главни теми на стартот на 76-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации...

„Делта-варијантата ги замени претходните соеви кои претставуваат помалку од еден процент од сите случаи на заразени“, соопшти Светската здравствена организација. Оваа мутација е присутна во 185 земји и се шири побрзо со што дополнително се зголеми заканата за глобалното здравје. Во светот досега се евидентирани над 4 и пол милиони смртни случаи. И покрај имунизацијата и рестрикциите бројот на заразени и натаму се зголемува. Недостигот од вакцини, здравствената криза и закрепнувањето на економиите по пандемијата меѓу главните теми на стартот на 76 сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации.
„Итно ни е потребен план за вакцинација барем за да го удвоиме производството на вакцини и да бидеме сигурни дека вакцините ќе стигнат до 70% од светското население во првата половина од 2022 година“, изјави генералниот секретар на ОН, Антоние Гутереш.
„Мора да го победиме Ковид-19 со оваа решителна битка, пресудна за иднината на човештвото. Борбата со пандемии, соочувањето со предизвици се дел од историјата на светската цивилизација. Човештвото секогаш победувало и постигнувало поголем развој и напредок“, нагласи кинескиот претседател, Си Џинпинг.
За дел од лидерите на Африка и Јужна Америка, еден од клучните проблеми е нееднаквата дистрибуција на вакцини. Бразил е и против задолжителните сертификати.
„Ние ја поддржуваме вакцинацијата. Но, нашата влада зазеде став против здравствениот пасош или каква било обврска поврзана со вакцините“, рече Жаир Болсонаро, претседател на Бразил.
„Ако продолжиме со застојот во еднаквата распределба, се изложуваме на нови варијанти кои ќе нè нападнат уште посилно. За колективниот имунитет е потребна солидарност“, нагласи Иван Дуке, претседател на Колумбија.
Претседателот на Филипините изрази разочараност од односот на богатите држави.
„Тие сега чекаат трета доза, додека земјите во развој поминуваат и со само половина. Овој себичен однос не може да се оправда ни рационално ни етички“, истакна Родриго Дутерте, претседател на Филипините.
За меѓународниот одговор на пандемијата ќе се разговара и на виртуелниот самит чијшто домаќин ќе биде американскиот претседател Џо Бајден.
Маја С. Филдишев
