Собрание

Продолжуваат обвинувањата меѓу власта и опозицијата за трагедијата во Тетово

22.09.2021 14:31

ВМРО-ДПМНЕ бара и во Собранието да се разговара за трагедијата во Тетово. Со одбивањето за формирање анкетна комисија, власта не сака да се дојде до вистината, тврдат од партијата. Подготвени сме за дебата само со факти и аргументи. Истрагата сѐ уште е во тек, возвратија од СДСМ.

„Да заврши истрагата за трагедијата во Тетово за да се утврдат фактите и аргументите, па потоа да се одлучува за евентуална одговорност на инволвираните“, владејачките Социјалдемократи го делат ставот на премиерот Заев. Мнозинството реагира дека опозицијата, под изговор  за барање оставки од владините функционери ги блокира процесите во Собранието. „Законодавниот дом не е ниту истражен орган, ниту суд или обвинителство за да утврдува нечија одговорност“, велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ бара да се формира анкетна комисија која ќе ги утврди фактите и одговорноста на лицата и институциите кои се виновни за трагедијата во Тетово. На опозицијата не ѝ помина предлогот за разрешување на министерот Филипче кој воопшто и не беше ставен на дневен ред, како и поднесената информација за изградбата на модуларните болници која требаше да се разгледува во Комисијата за труд и социјална политика. 

Премирот Заев ќе носи одлука за оставките по завршување на целосната истрага. Тој тврди дека нема злоупотреба на средствата од Светска банка за модуларните болници.   

 

Игор Панов