Сива економија

Ќе се конфискува имот вреден над 30 илјади евра за кој не може да се докаже потекло

22.09.2021 14:51

Ќе се конфискува имотот вреден над 30 илјади евра за кој не може да се докаже потекло - новиот закон во драфт верзија ќе важи и за функционерите и за граѓаните, најави Владата. Дури 38 проценти од БДП отпаѓа на неформалната економија оценки во дебатата „Детектирање и намалување на сивата економија“...

Стекнатиот имот над 30 илјади евра ќе биде конфискуван доколку нема да може да се докаже потеклото. Ова го предвидува Законот за потекло на имот, кој првпат се носи во земјава. Драфт верзијата е готова и наскоро се очекува да биде испраетна до Венецијанската комисија. Според вицепремиерот Николовски, претходните сознанија покажувале дека стекнатиот имот се префрла на блиски луѓе. Законот ќе важи за сите.

Според податоците, сивата економија во земјава е 38 проценти од БДП, велат од УНДП. Оттаму посочуваат дека повеќето граѓани не се свесни дека „невидливата рака“ на сивата економија има негативно влијание врз квалитетот на животот. Работниците се слабо платени, без договор или непријавените работници многу страдаат.

Целта е да поттикнеме создавање на формални работни места, да ја намалиме непријавената работа, но и да стимулираме поголема економска активност на жените на пазарот на трудот вели ресорната министерка.

Државниот завод за статистика бележи континуиран пад на стапката на неформално вработување, од 24,3% во 2011 година, па сè до 13,6% во 2020 година.

 

Дијана Ценевска