Продолжува истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница
Продолжуваат сослушувањата на лица за трагедијата во модуларната болница во Тетово. Од обвнителството за МТВ велат дека до Технолошкиот факултет има наредба за градежно вештачење. Институциите продолжуваат да ја префрлаат топката за одговорноста околу надлежностите. Од преживеаните пациенти во пожарот, десетмина веќе заминале дома...

Обвинителството има издадено голем број насоки и наредби за вештачења и прибирање на документација. Меѓу нив и наредба за градежно вештачење до Технолошкиот факултет во Скопје.
„Издадена и е Наредба за натамошно обезбедување на местото на пожарот, за да се овозможи повторно вршење на увид доколку има потреба во натамошнот тек на постапката. Воедно, дејствијата кои дополнително би се презеле, би биле резултат на утврдени потреби и произлезени индици“, информираат од Јавното обивнителство.
Се прибираат извештаите и документацијата за модуларната болница, и по нивно разгледување и анализа и ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката.
Во меѓувреме, општинските власти отфрлаат било каква одговорност за контролата, квалитетот, но и функционалноста на модуларната болница кои беа наведени во документите насловени како План за Еколошки и социјален менаџмент на модуларните болници.
Оттаму истакнаа дека надлежностите биле насочени кон централно ниво.
Комуналите инспектори немаат надлежност да вршат контроли врз посебни објекти и градби од прва категорија, а системите за безбедност и за гасење на пожар и контролата на нивната функционалност се под надлежност на Министерството за здравство. Модуларната болница е градба од прва категорија и за истата инпсекциски надзор врши Државен инспекторат, посочија од локалната самоуправа.
Од раководството на болницата молк за документот. Од Ковид- центарот, пак се надеваат на што поскоро расчистување на случајот, за кој медицинскиот персонал, но и клиниката според нив не биле одговорни.
Инаку од преживаните пациенти од пожарот во модуларната болница, десет се пуштени дома, а двајца се задржани поради пост- ковид компликации.
Зоран Димовски
