Општините ќе добиваат повеќе пари од централниот буџет
Со измени на Законот за финансирање на локалната самоуправа постепено ќе се зголемува стапката на дотација од ДДВ-то и од персоналниот данок на доход.

Општините ќе добиваат повеќе пари од централниот буџет за финансирање на потребите на граѓаните. Со измени на Законот за финансирање на локалната самоуправа постепено ќе се зголемува стапката на дотација од ДДВ-то и од персоналниот данок на доход.
„Со тоа вкупниот ефект во 2024-та би бил 1,7 миилијарди денари повеќе пари за општините врз основа на повеќе проценти ,но од 2024 натаму. Инаку транзиторно секоја година процентите ќе растат од 3 до 6 % за персоналецот и од 4,5 на 6% за ДДВ-то“, изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Целта на измените е да се зголеми фискалниот капацитет и да се обезбеди поголема финансиска самостојност и стабилност на општините. Истовремено државата ќе бара зголемена финансиска дисциплина и поголема транспарентност во трошењето на парите. Предвидени се и нови инструменти за излегување од состојба на финансиска неспособност,доколку општината не може да се задолжи на пазарот за да ги надмине проблемите.
„Во Министерство за финансии можат да се искористат таканаречени ‘стенд бај аранжмани’ кредити,второ структурна обврзница и трето самата општина да издаде своја обврзница, а финансии да ја откупи со цел да и даде дополнителна ликвидност за да излезе од состојбата“, вели Бесими.
Општина ќе бидат прогласувана за финансиски неспособна по сила на закон, доколку нејзините обврски надминат 80% од реализираниот буџет во претходната година. Не ќе можат да имаат нови вработувања, ниту пак да имаат нови јавни набавки. Министерот Бесими ги отфрла тврдењата дека се работи за предизборен потег на Владата и тврди дека е дел од програмата за фискална децентрализација на која се работело цела година со меѓународните организации, ЗЕЛС и со општините.
Свето Николовски
