Здравство

И децата може да бидат сериозно погодени од Ковид-19

22.09.2021 16:33

Асимтоматските болни или децата со лесна клиничка слика и по две- три недели може да развијат високи температури и посериозни состојби, секој случај да се следи- предупредуваат лекарите...

Вирусот Ковид- 19 кај деца најчесто дава полесна клиничка слика која се третира само со симптоматска терапија. Сепак неопходно е секој случај внимателно да се следи, вели директорката на Детската клиника и претседател на Здружението на педијатри, Софијанова. Предупредува дека мултисистемски инфламаторен синдром се јавува кај деца кои биле асимптоматски случаеви или имале блага клиничка слика, а по период од две до четири недели развиваат многу висока температура.

„Се јавуваат промени по кожата од типот на осип кој се јавува на лицето, на рацете, на телото, може да имаат и осип во устата, очите стануваат црвени, конјуктивите се хиперемични, настанува и воспаление на белите дробови, срцева слабост, тахикардија, бледило на кожата. Мултисистемски инфламаторен синдром предизвикува кај децата и стомачни тегоби, болки, гадење, повраќање, ентероколит, како и бубрежна инсуфициенција, пореметување на коагулација на крвта, пореметување на свеста, главоболки и грчеви“, истакна Софијанова.

Дава поддршка за вакцинација на децата над 12 години како и оние кои имаат хронично заболување. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.

Министерството за здравство соопшти дека денеска ќе пристигнат 110.612 вакцини од производителот „Фајзер-Бионтек“, кои државава ги купила преку Ковакс механизмот. До крајот на годината, како што се посочува, преку Ковакс механизмот е најавена испорака на уште 100.000 вакцини од производителот „Фајзер-Бионтек“. Пристигнатите вакцини за кои има голем интерес кај населението, а кои се препорачуваат за имунизација и на деца над 12 години, ќе бидат дистрибуирани до вакциналните пунктови.

Ана Јосифоска Тодоровска