Пендаровски учествуваше на виртуелниот Глобален самит за борба против Ковид-19
Во видео обраќањето претседателот Пендаровски истакна дека вакцинацијата против Ковид-19 ширум светот, без одлагање, е од клучно значење.

Претседателот Стево Пендаровски учествуваше на виртуелниот Глобален самит за борба против Ковид-19: Крај на пандемијата и поставување на подобри основи како подготовка за следната, организиран од претседателот на САД, Џо Бајден, на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, што се одржува во Њујорк.
Во видео обраќањето претседателот Пендаровски истакна дека вакцинацијата против Ковид-19 ширум светот, без одлагање, е од клучно значење. За да се достигне висока стапка на вакцинација на глобално ниво, како што рече претседателот Пендаровски, сите ние треба да се бориме против системските неправди со фер, инклузивна и правична распределба на ефикасни вакцини.
Претседателот Пендаровски изрази поддршка на заедничките глобални цели за справување со пандемијата од Ковид-19, презентирани од американскиот претседател Бајден, оценувајќи ги како клучни за запирање на оваа закана.
