Земјоделство

Проверка и измени на податоци за субвенции

23.09.2021 10:03

Земјоделците кои имаат промена на банкарските сметки или на адресата на живеење во последните неколку месеци, ќе мора да ги ажурираат податоците доколку сакаат навреме да ги добијат субвенциите од Платежната агенција. Тоа можат да го направат самостојно, односно електронски или да побараат помош од подрачните единици на Министерството за земјоделство...

Земјоделците кои поднеле барање за субвенции за годинава, а од денот на поднесувањето на барањето имаат измени во бројот на банкарска сметка, адресата на живеење или телефонскиот број за контакт, ќе треба да направат и промена во електронскиот систем во кој е поднесено барањето.

Тоа ќе може да го корегираат преку веб страницата на Платежната агенција со најава со корисничкото име и лозинката која ја користат при пријавување за користење на финансиска поддршка во земјоделството.

Лицата кои имаат потреба од промена или дополнување на фактичката состојба, односно ажурирање на податоците, а не можат сами да ги направат корекциите во електронскиот систем, за помош може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство.

Агенцијата препорачува дека сите земјоделци кои се корисници на субвенции, треба да направат увид во податоците со цел да се обезбедат точни информации за исплата на средствата според Програма за 2021 година.

Методија Трајков