Нема доволно толкувачи на знаковен јазик, состојбата потешка надвор од главниот град
Одбележан 23-ти септември, Меѓународниот ден на знаковните јазици. Луѓето со оштетен слух проговорија за предизвиците со коишто се соочуваат во секојдневниот живот. Во земјава нема доволно толкувачи, а состојбата е уште потешка надвор од главниот град. Точно колкумина го користат знаковниот јазик се очекува да се дознае од пописот. Надлежните со заложба да се премостат бариерите...

Со самото тоа што сме луѓе со оштетен слух, имаме потешкотии да се разбереме во продавница, на факултет, во разни институции. Не знаат што сакаме да им кажеме, ниту што тие ни велат, вели Влора Велиу. Таа секојдневно се соочува со предизвици. Посакува општество во кое ќе има доволно толкувачи кои ќе им помагаат. Велиу посочи дека знаковниот јазик треба што повеќе да се изучува и да се користи.
Колку глуви и наглуви има во земјава и колкумина го користат знаковниот не се знае, нема точна бројка. Невладините се надеваат од пописот да се добијат одговорите.
Се обидуваме да го промовираме нашиот мајчин јазик и да му го најдеме местото во општеството, вели Марија Башеска Стојановска. Таа е претседателка на Aсоцијацијата на толкувачи на македонски знаковен јазик „Гласни раце“- Скопје. Според неа, држава треба повеќе да се погрижи за состојбата на луѓето во внатрешноста, бидејќи сега сѐ е концентрирано во Скопје.
23-ти септември е меѓународен ден на знаковниот јазик. На одбележувањето, премиерот Заев посочи дека се спроведуваат политики со кои знаковниот јазик има еднаков третман како и други говорни јазици. Претседателот Пендаровски на знаковен јазик го честиташе денот.
Ана Јосифоска Тодоровска
