Франција ги затоплува односите со САД, но не и со Австралија
Франција и Соединетите Американски Држави го направија првиот чекор кон затоплување на односите, кои беа нарушени по договорот за Индо-пацификот што го остави Париз без зделката за подморници вредна милијарди долари. Претседателот Макрон донесе одлука да го врати амбасадорот во Вашингтон и договори средба со колегата Бајден. Но, тоа не е случај со официјална Камбера. Австралискиот премиер Морисон призна дека засега безуспешно се обидува да разговора со Макрон...

Францускиот претседател Емануел Макрон следната недела ќе го врати својот амбасадор во Соединетите држави. Одлуката следува откако претседателот Џо Бајден во телефонски разговор се согласил дека дипломатскиот спор ќе бил спречен доколку се консултирале со Париз пред најавата за безбедносниот пакт АУКУС.
Иако во 30-минутниот дијалог му било дадено само извинување за процедурата, а не и за крајната одлука и политиката, за Макрон тоа било доволно да го ублажи тонот кон Вашингтон. За разлика од оваа комуникација, онаа со Австралија останува во ќор-сокак.
Премиерот Скот Морисон изјави дека неговите обиди за организирање на разговори со шефот на француската држава биле неуспешни. Поради АУКУС, Канбера го откажа договорот за подморници со Париз вреден 40 милијарди долари и се пренасочи кон американската технологија.
„Ќе бидеме трпеливи. Ја разбираме нивната разочараност и на таков начин се справува со тешки прашања. Мојата порака е иста, ние го цениме односот со Франција. Со нивните компании се уште имаме договори за одбрана во вредност од околу шест милијарди долари. Со европските земји, имаме договори од 32 милијарди долари. Европа и Франција соработуваат со истомисленици како што е Австралија во регионот за за постабилен и побезбеден Индо-Пацифик. Нашата врата останува отворена, поканата е овде“,изјави австралискиот премиер Скот Морисон.
Мисијата на АУКУС се толкува како обид за намалување на кинеското влијание во Јужно Кинеско Море. За аналитичарите, пактот е веројатно најзначајниот безбедносен договор меѓу Австралија, САД и Обединетото Кралство по Втората светска војна.
Маја С. Филдишев
