Попис 2021

Пописот во велешко без поголеми проблеми

23.09.2021 12:52

Без поголеми проблеми привршува пописот во велешко, граѓаните ги отвораат вратите од нивните домови за попишувачите...

Останува уште една седмица за да бидат попишани жителите на Општина Велес. Во период од 17 дена, колку што досега се минати на терен, според попишувачите, пописот минувал без сериозни проблеми и непречено. По реакциите од терен надлежните констатираат дека пописот во пописен реон 18 се одвива успешно.

Во велешко, заедно со соседните општини Градско и Чашка, секојдневно од 8 до 20 часот на терен се 15 регионални и 160 општински попишувачи. Во зависност од случаите, кај поголеми фамилии со две три семејства, тие таму се здржуваат најмногу до 20-тина минути. Граѓаните соработуваат. Попишувачите се задоволни од приемот на кој наидуваат кај граѓаните и лесно воспоставуваат комуникација.

Дали градот Велес има повеќе или помалку од последниот пат пребројаните 43.716 жители според пописот од 2002-та година, надлежните најавуваат дека ќе се знае во првиот месец од следната година. Но, за тоа е потребно граѓаните да се попишат. Кај велешани свеста е на високо ниво за потребите од овој попис.

Случајот на кој се жалеа од граѓанското движење „АВАЈА“ за попишаниот Ром, кој според нив не бил попишан по етничка припадност, бил надминат.

Петар Печков