Трета доза „Фајзер“ за граѓани над 60 години, здравствени работници и пациенти со нарушен имунитет
Препорака за трета доза вакцина на лица над 60 години, на здравствени работници и пациенти со слаб имунитет. Комитетот за имунизација препорачува да бидат вакцинирани со „Фајзер“. Министерот Филипче најави, од октомври почнува скринингот на учениците со брзи антигенски тестови. Здравствените власти уверуваат дека епидемиолошката состојба не притиска врз болниците…

Трета доза вакцина со „Фајзер“ против Ковид-19 за сите граѓани над 60 годишна возраст, здравствените работници и за пациентите со имунокомпромитирачки проблеми, препорача Националниот комитет за имунизација. Вакцина ќе биде потребна и за граѓаните кои прележале Ковид-19, се вакцинирале, а спаѓаат во наведените категории. Од понеделник, преку „Мој термин“ граѓаните ќе добијат известување.
Поради мала трансмисија на Ковид-19, Министерството за здравство во училиштата ќе започне скрининг тестирање. Методологијата се очекува да биде готова наскоро, а тестирањето ќе се врши со брзи антигенски тестови. Филипче информира дека според бројките од Институтот за јавно здравје, во моментов епидемиолошката состојба не прави притисок во болниците.
Во државата досега се аплицирани над 1,4 милиони дози вакцини. Ревакцинирани се над 703 илјади граѓани, но опаѓа интересот за примање прва доза. Данска ќе ни даде уште 250 илјади вакцини „Џонсон“.
Ресорниот министер Филипче за трагедијата во Тетово остана на ставот дека не коментира додека трае истрагата.
Дијана Ценевска
