Постапка за одземање лиценци за снабдување со струја
Компаниите не ги обезбедувале навреме во целост договорените количества струја за компаниите, а кусокот го повлекувале од системот. Реагирале од МЕПСО, операторот бил принуден да интервенира и да го покрие кусокот преку системот за балансирање...

Регулаторите започнаа постапка за одземање на лиценца на двајца снабдувачи со електрична енергија. Не ги обезбедувале навреме во целост договорените количества струја за компаниите, а кусокот го повлекувале од системот. Реагирале од МЕПСО, операторот бил принуден да интервенира и да го покрие кусокот преку системот за балансирање.
„Набавуваа многу помали количества и врз основа на тоа овие две компании остатокот од електричната енергија се обезбедуваше преку системските резерви што ги чува МЕПСО. Тоа се резерви што ги имаме во нашите хидроелектрани и имавме ситуација хидроенергијата да се троши заради пазарни активности што е забрането и е против секоја логика“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Досега стотина компании се жалеле до Регулаторна поради фактурирање повисоки износи од договорената цена на струјата. Четири снабдувачи ги раскинувале договорите со компаниите и институциите бидејќи поради скокот на берзанската цена не можеле да ги обезбедат договорените количества струја.
„Доставуваат известувања до своите потрошувачи што ги снабдуваат дека ги раскинуваат договорите и бараат ретроактивно за месеците да им плаќаат по нови цени. Уште еднаш потенцираме дека ова право го немаат“, нагласува Бислимоски.
Правилата за снабдување предвидуваат отказни рокови од најмалку 45 дена, како и покривање на периодот до склучување договор со нов снабдувач. Покренувањето прекршочна постапка за снабдувачите засега оди преку Државниот пазарен инспекторат, а максималната казна е 10 илјади евра. Комисијата бара усогласување со правилата на Енергетската заедница, измени на Законот за енергетика за да има можност самата да изрекува санкции, во процент од реализиран промет.
Свето Николовски
