Исплатени 1,9 милиони евра за штети од град и мраз, 72% од вредноста на сите земјоделски штети
Градот и мразот се најизразени ризици во земјоделското осигурување. Во првите шест месеци годинава над 70 отсто од вредноста на сите исплатени штети во земјоделството и сточарството се поради последници од овие природни непогоди. Земјоделците ги препознаваат градот и мразот како најголеми опасности најмногу вложуваат во осигурување од овие ризиците...

Земјоделци и сточари наплатиле вкупно 162 милиони денари (2,63 милиони евра) од штети покриени со осигурителни полиси за првите шест месеци оваа година. Во вкупниот износ на исплатени земјоделски и сточарски штети за уништени посеви, плодови и угинат добиток во континуитет доминира исплатата на штети предизвикани од град и мраз, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Штетите предзвикани од град или мраз континуирано имаат најголемо учество во износот на исплатените штети покриени со земјоделско осигурување. За првите шест месеци од овие природни непогоди се исплатени штети, за уништени посеви и плодови, во вкупна вредност од 117,85 милиони денари (1,9 милони евра). Тоа е 72 отсто од сите исплатени штети во земјоделството и сточарството во овој период.
Слична е статистиката и за првите полугодија во претходните две години. Во 2020 година за штети од град и мраз земјоделците наплатиле 99,5 милиони денари (1,6 милиони евра) односно 74 отсто, а во 2019 година 78 отсто од сите исплатени штети во земјоделството.
Вкупниот износ на штети кои земјоделците ги наплатиле од осигурителните друштва, за првите шест месеци годинава, е 162 милиони денари (2,63 милиони евра). Истиот период лани износот на исплатени штети за земјоделски осигурувања е помал за 22 отсто и изнесувал 132,4 милиони денари (2,15 милиони евра).
