МСУ со голема изложба на најпрогресивните уметници од Југоисточна Европа

24.09.2021 11:17

Целта на оваа поставка е да ги осветли политичките пејзажи, социјалните случувања и да најде точка на кохезија во прикажувањето на политиката и уметноста од овој регион.

На 29 септември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена голема меѓународна изложба со наслов „Гледај тука сум без простор“ (See me moving placeless) со дела од најрепрезентативни уметници од Југоисточна Европа, кои се дел од уметничката колекција со која располага Дојче Телеком.

Целта на оваа поставка е да ги осветли политичките пејзажи, социјалните случувања и да најде точка на кохезија во прикажувањето на политиката и уметноста од овој регион.

Кураторки на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова, кои селектираа 40 тина од севкупната уметничка колекција (249 дела) со која располага Дојче Телеком, во чие депо се наоѓаат прогресивни, современи уметнички дела на повеќе од 70 автори од преку 20 земји од источниот и југоисточниот дел на Европа.

Кураторките селектираа 40-тина дела од уметници како: уметничкиот колектив “Словени и Татари”; Дан Пержовски, Хортенсија Ми Кафчин и Ципријан Мурешан од Романија; Ева Котаткова, Чешка; Петрит Халилај и Флака Халити од Косово; Агњешка Полска, од Полска; Младен Стилиновиќ, Србијa; Јасмина Цибиќ, Словенија; Даница Дакиќ и Шејла Камериќ од Босна и Херцеговина; Игор Грубиќ, Сања Ивековиќ, Марко Тадиќ и Владо Мартек од  Хрватска; Лучезар Бојаџиев, Недко Солаков, Мартина Вачева и Правдољуб Иванов од Бугарија; уметничко дуо „Мала Варшава“ од Унгарија; Алевтина Какиџе и Володимир Кузнецов, Украина; Нилбар Гуреш и Бенгу Карадуман од Турција.

Меѓу современите автори, во колекцијата на Дојче телеком, се дела и од двајца исклучителни македонски уметници Јане Чаловски и Христина Иваноска, чии дела ќе бидат вклучени во изложбата на МСУ.