Најмалку 12 лица повредени во напад со огнено оружје во САД
Најмалку 12 лица, од кои четворица со сериозни повреди се хоспитализирани откако вооружен напаѓач отвори оган во маркет во Колирвил во близината на Мемфис, во американската сојузна држава Тенеси...

Уште еден напад со огнено оружје во САД. Најмалку 12 лица, од кои четворица со сериозни повреди се хоспитализирани откако вооружен напаѓач отвори оган во маркет во Колирвил во близината на Мемфис, во американската сојузна држава Тенеси. Вработените во страв и неверување говорат за немилиот настан.
„Слушнавме истрели, но мислевме дека се работи за балони. Откако сфативме дека сме нападнати, со неколкумина од моите колеги побрзавме кон задниот влез. Таму обично примаме стоки и ги складираме. Подоцна дознав дека еден од моите соработници е застрелан во главата, друг во стомакот и во раката“, изјави Бриџер Дикерсон –вработена во маркетот.
„Поминував покрај маркетот кога ги слушнав истрелите. Не бев сигурен дали да бегам или да им помогнам на луѓето. Се покрив преку глава и се обидов да снимам со мобилниот телефонот. За среќа полицијата пристигна за три минути. Импресиониран сум од брзата интервенција“, изјави Џејсон Луск- случаен минувач.
Началникот на полицијата вели дека овој немил настан е најстрашното нешто во историјата на градот. Според истрагата, напаѓачот починал откако пукал во себе, но сѐ уште се истражуваат деталите. Поради претпазливост затворено е и средното училиште што се наоѓа во близина на маркетот, а полицијата будно ја следи состојбата.
„Кога пристигнавме на местото на настанот затекнавме луѓе скриени во замрзнувачи и заклучени канцеларии. Вработените што беа на своите работни места го правеа она за што беа обучени во вакви ситуации, бегај, скриј се, бори се“, изјави Дејл Лејн, шеф на полицијата во Колирвил.
Вооруженото насилство е речиси секојдневна појава во САД. Според експертите, насилството е поттикнато од слабите закони за поседување и широката употреба на огнено оружје.
Маријана Димовска
