Димитров: Иако Бугарија го прекрши договорот, продолжуваме да применуваме европски стандарди
Бугарија го прекрши Договорот за пријателство и добрососедство со двете блокади, но и покрај тоа продолжуваме со примена на европските стандарди и воведување на дигитализација, изјави вицепремиерот Никола Димитров на стартот на проектот финансиран од САД и од Естонија. САД сакаат да видат конечно членство на Северна Македонија во ЕУ, вели американската амбасадорка Брнз, и затоа поддржуваат воведување дигитализација во земјава, како начин за поголема транспарентност и борба против корупцијата…

Бугарија го прекрши договорот за пријателство и добрососедство со двете блокади на почетокот на пристапните преговори со ЕУ, но и покрај одложувањето продолжуваме со применување на европските стандарди дома со воведување на дигитализација и е-управување, вели вицепремиерот за европски прашања Димитров.
„Големиот проблем за напредок и во разговорите околу историјата и во разговорите за другите теми каде имаме разлики е атмосферата на уцена. И македонскиот народ и бугарскиот народ и многу други балкански народи имаат една изрека којашто вели-со сила нема убавина. За вистинска блискост и за вистински напредок не може да стане збор ако опстане оваа атмосфера на уцена. Мора да има меѓусебна почит, мора да има поголемо разбирање на чувствителноста на другиот. Не може да се создаде блискост и пријателство“, нагласува вицепремиерот Димитров.
САД сакаат да видат конечно членство на Северна Македонија во ЕУ, вели американската амбасадорка Брнз. Поддржуваат воведување дигитализација во земјава како начин за поголема транспарентност и борба против корупцијата што е во согласност и со реформите за членство во ЕУ.
„Ние ја гледаме македонската иднина во ЕУ и ја потврдуваме важноста на разрешување на прашањата и се надеваме дека ќе продолжи до крајот на годината. Продолжуваме да разговараме со сите партнери, имаме разговор со владата овде во Скопје, разговори со соседните земји и низ цела Европа да се погрижиме да направиме сè што можеме за да го поддржиме движењето на процесот напред“, нагласи американската амбасадорка во земјава, Кејт Мари Брнз.
Во наредните 18 месеци естонски експерти за дигитализација ќе соработуваат со домашните на дигитализација, но и ќе бараат и други области во кои може да се искористи искуството на Естонија, најави естонската амбасадорка, Кристи Карелсон.
Од владата оценуваат дека за почеток на преговори со ЕУ потребна ни е поддршка од секоја членка на ЕУ, а особено со Естонија која е лидер во дигитализацијата во Европа.
Ирина Гелевска
