Финансиска полиција

Кривична пријава за пет лица за перење пари и злоупотреба на службена положба во Општина Петровец

24.09.2021 14:07

Управата за финансиска полиција ги сомничи дека во периодот од 2012-та до 2018-та го оштетиле буџетот над половина милион евра...

Пет физички и три правни лица, меѓу кои и актуелниот градоначалник на општината Петровец заработија кривична пријава за злоупотреба на службената должност, злоупотреба на постапката за јавно- приватно партнерство и перење пари.

Управата за финансиска полиција ги сомничи дека во периодот од 2012-та до 2018-та го оштетиле буџетот над половина милион евра. Според директорот Муареми, првопријавениот како одговорно лице во општината Петровец, овозможил плаќање на 24 фиктивни фактури на два правни субјекта во вредност од над 30 милиони денари за извршени јавни набавки, иако знаел дека работите не се извршени.

Во мај до кабинетот на вицепремиерот за корупција Николовски пристигнала анонимна претставка за злоупотреба на службената положба во општината Петровец, веќе наредниот месец целата документација била доставена до институциите.

Прашан дали има политички реваншизам бидејќи на два дена пред кампањата за локалните избори се поднесува кривична пријава за актуелен, но и иден кандидат за градоначалник на општината Петровец кој доаѓа од опозициската ВМРО- ДПМНЕ, Николовски одговори дека сите постапки се процесираат без разлика дали се за функционери на власта или опозицијата.

Николовски потврди дека има претставки за наводни злоупотреби во работата на повеќе спортски федерации и потврди дека документацијата е веќе предадена до Јавното обвинителство за понатамошно постапување.

 

Викторија Милевска