Мехмедовиќ: Третата доза ќе значи стабилен имунитет во борбата со Ковид-19
По препораката на Националниот комитет за имунизација вакцина „Фајзер“ од понеделник ќе примаат граѓаните на возраст над 60 години, здравствени работници без оглед на возраста и пациенти кои имаат имунокомпромитирана состојба. Според д-р Мехмедовиќ, третата доза сѐ повеќе се одобрува во светски рамки...

Пунктовите во здравствените установи се подготвени за аплицирање на третата доза вакцина, велат од Министерството за здравство. По препораката на Националниот комитет за имунизација вакцина „Фајзер“ од понеделник ќе примаат граѓаните на возраст над 60 години, здравствени работници без оглед на возраста и пациенти кои имаат имунокомпромитирана состојба.
Според д-р Мехмедовиќ, третата доза сѐ повеќе се одобрува во светски рамки. Посочува дека е особено важна за оние со послаб имунитет или ризични групи. Д-р Мехмедовиќ посочува дека вакцинацијата со „Фајзер“ ќе значи стабилен имунитет во борбата со Ковид- 19. Очекува од понеделник здравствените установи да работат со засилен капацитет поради продолжената вакцинација.
Освен на вакциналните пунктови, вакцинацијата во земјава се одвива и теренски. Во наредните денови ќе треба да се утврди и методологијата како ќе се прави скрининг тестирањето во училиштата.
До крајот на годината, преку Ковакс механизмот е најавена испорака на уште 100 илјади вакцини од производителот „Фајзер-Бионтек“. Од ресорното министерство претходно посочија дека Данска треба да ја објави донацијата од 250 илјади вакцини од производителот „Џонсон“.
Дијана Ценевска
