Политика

Нема можност за напредок во атмосфера на уцени

24.09.2021 15:41

Бугарија го прекрши Договорот за пријателство и добрососедство со двете блокади и не може да има напредок во атмосфера на уцени, изјави вицепремиерот Димитров. Лидерот на опозицијата Мицкоски, ја осуди изјавата на премиерот Заев за отстранување од спомениците и учебниците на одредницата - бугарски фашистички окупатор. Со тоа власта се меша во работата на заедничката историска комисија, смета Мицкоски.

Бугарија го прекрши договорот за добрососедство со двете блокади на пристапните преговори со ЕУ, посочи вицепремиерот за европски прашања Димитров. Според него, не може да има напредокот во дијалогот со Софија во атмосфера на уцена.

„Големиот проблем за напредок и во разговорите околу историјата и во разговорите за другите теми каде имаме разлики е атмосферата на уцена. И македонскиот народ и бугарскиот народ и многу други балкански народи имаат една изрека која што вели „со сила нема убавина“. За вистинска блискост и за вистински напредок не може да стане збор ако опстане оваа атмосфера на уцена. Мора да има меѓусебна почит, мора да има поголемо разбирање на чувствителноста на другиот. Не може да се создаде блискост и пријателство без таква елементарна почит и никако не може да се создаде блискост и пријателства кога се уценува“, изјави вицепремиерот Димитров.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ја осуди изјавата на премиерот Заев за остранување на „бугарски фашистички окупатор“ од спомениците и учебниците. Смета дека со ова се меша во работата на заедничката историска комисија согласно Договорот за добрососедство.

„Заев, тоа нека им го каже на внуците, синовите и ќерките на луѓето кои своите животи ги загубија во Треблинка, уапсени и ставени во вагони од страна на бугарскиот фашистички окупатор.Ним нека им објасни кои се тие што соработувале, а кои се тие што не соработувале. Шокантно. Ние не сме Талибанци да бришеме историски факти и веднаш при промената на власта, ќе ги вратиме тие факти како што ги признава светската историја. Тие биле фашисти, ние сме се бореле против тие фашисти и наместо да бараат да бришеме учебници, треба да дојдат и да му се извинат на овој народ“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Премиерот заев вчера изјави дека не треба да се обвинува цел народ за фашизам и дека треба да се острани натписот „бугарски фашистички окупатор“ од спомениците и учебниците.  

 

Ирина Гелевска