Хирурзите од „8-ми септември“ бараат да оперираат со полн капацитет
Хирурзите од „8- ми септември“ в понеделник ќе прекинат со операциите. Бараат директорот да ги стави во функција сите шест операциони сали, наместо досегашните две. Костов тврди дека тоа сега не е можно поради ангажманот на дел од пресоналот во ковид одделенијата...

Хирурзите од Градската општа болница „8- ми септември“ в понеделник ќе прекинат со операциите. Бараат директорот Костов да ги стави во функција сите шест операциони сали, наместо досегашните две, со што би се создадале услови за хируршки интервенции врз пациенти со неживотозагрозувачки болести. Ова стои во отвореното писмо што хирурзите го упатија до Владата, Министерството за здравство и медиумите, бидејќи како што велат, не добиле прием кај директорот за разговор за долготрајниот проблем со операционите сали.
„Бараме да се овозможат услови во болницата за да може да им пружи здравствена хируршка заштита на поголем број пациенти чии болести не исчезнуваат поради пандемијата. Од страна на вработените беа понудени неколку решенија за реорганизција на работата, како би се постигнала поголема ефикасност, но истите или не се стигнати до директорот или пак, тој не ги спроведува ниту пак предложува други решенија“, се вели во писмото на хируршкиот колектив.
Од хируршкиот колектив, пак велат дека в понеделник нема да има прекин на операциите само за пациенти што се во животозагрозувачка состојба.
Преку соопштение реагираше и директорот Костов. Вели ја разбира потребата од зголемување на бројот на операционите сали, но тврди дека тоа сега не е можно поради ангажманот на дел од пресоналот во ковид одделенијата. Согласно препораките на Министерството за здравство, акцент е ставен на оперативното лекување на пациенти кај кои одложувањето на оперативните интервенции би довело до загрозување на нивниот живот, се вели во соопштението на Костов.
Градската општа болница веќе втора година функционира како главен ковид центар во државата.
Марија Котовска
