Европа

Германија избира нов Бундестаг

26.09.2021 15:09

Парламентарни избори во Германија. Околу 60 милиони Германци го избираат новиот состав на Бундестагот. Главната трка за новата влада на најмоќната економија во Европа се води меѓу Социјалдемократите и Демохристијаните...

Германија од изутрината го избира новиот состав на Бундестагот. Главната трка за владата на најмоќната европска економија се води меѓу Социјалдемократите и Демохристијаните. Предизборните анкети му даваат предност на Олаф Шолц пред фаворитот на Меркел, Армин Лашет. Очите на јавноста во Европа, но и во светот, се вперени во можната пресвртница на политичките сили во германскиот законодавен дом, поради водечката улога на Берлин на континентот.  

„Денеска е убав ден, времето е убаво, тоа е добар знак. Се надевам дека ќе излезат што е можно повеќе гласачи и дека ќе се оствари она што веќе и се случува, односно дека СПД ќе има добар резултат и дека луѓето ќе побараат од мене да им бидам канцелар“, изјави Олаф Шолц, кандидат за канцелар од СПД.

„Ова се многу важни федерални избори кои ќе ја одредат насоката во која ќе се движи Германија во наредните години. Секој глас е важен. Поради тоа, очекуваме секој да го искористи своето право и демократите да можат да формираат нова влада“, вели  Армин Лашет, кандидат за канцелар на ЦДУ-ЦСУ.

„Оние што гласаат ја живеат демократијата, оние што помагаат во организирањето на изборите му прават услуга на општеството“, нагласи германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер.

Партијата на Зелените е во подем, кандидатката за канцеларка Бербок постојано нагласува дека Германија доцна почнала со спроведувањето на таканаречениот „Зелен договор“, и со замената на фосилни со обновливи извори на енергија. Затоа се очекува некои од гласовите на Демохристијаните да ги освојат Зелените. 

„Со Меркел не бевме најлоши во светот, таа добро работеше. Другите можеби нема да со согласат со мене. Но таа навистина добро си ја заврши работата. На нејзиниот наследник, кој и да е, нема да му биде лесно.“

„Не сакам да ја изберат ЦДУ, сакам да се сменат мислењата и да се зголеми свеста во општеството.“

„Се надевам на промена на владата. Мислам дека ќе победат социјалдемократите. Се радувам што завршува ерата на Меркел.“

На изборите учествуваат вкупно 47 партии. Годинава се очекува и завиден процент на гласови испратени по пошта. Натпреварот на три наместо две партии како досега, придонесе околу 40 насто од испитаниците во некои од анкетите да се изјаснат за неопределени.

 

Маја С. Филдишев