Агрометео

Невообичаено високите температури поволни за лозарите, градинарите и овоштарите

27.09.2021 10:08

Сушата продолжува и оваа недела. Прогнозираните повремените дождови нема да ја надополнат влагата во почвата, а температурите над 30 степени се невообичаени во овој период од годината. Сепак ваквото време им одговара на лозарите, градинарите и на овоштарите да ја завршат бербата на родот...

Уште една седмица продолжение на сушата, без нови врнежи, но со драстичен пад на утринските температури кои на крајот на минатата недела во Беровскиот регион се спушија до нулата, што го навести доаѓањето на есента.

Очекуваните временски услови викендов и почетокот на оваа седмица со температури над 30 степени, се  невообичаени и над просечни за крајот на септември и овој период од годината.

Мала промена ќе има кога скоро на целата територија се прогнозираат пониски температури со услови за повремен дожд, но со количества кои нема да го решат проблемот со сушата која продолжува со послаб интензитет.

Ваквото време според агрометеоролозите, единствено ќе овозможи непречено  да тече бербата кај грозјето, овошките и градинарските култури, но и жетва на пченката која е веќе во полна зрелост.

Препораката за пчеларите останува иста, да вршат поинтензивна прихрана со течна храна и подготовка за презимување.

 

Методија Трајков