Слаб интерес за вакцинација во Липково
Една седмица функционира вакциналниот пункт во општина Липково. Меѓутоа интересот за имунизација е сосема слаб, информираат здравствените работници. Деновиве се вакцинирале само 100 лица.

Слаб е интересот за вакцинација во општина Липково, информираат од Здравствениот дом. Во оваа општина веќе една седмица функционира вакцинален пункт, кој е сместен во спортската сала на основното училиште „Дитуриа“. Од тогаш се вакцинирани само 100 лица. Во моментов пунктот располага со вакцините Фајзер и Астра Зенека.
„Почнавме со вакцинација против Ковид. Првиот ден беше во ред, имаше 35 пациенти, но од ден на ден интересот паѓа. Ние сме тука да ги вакцинираме сите кои се заинтересирани и апелираме до сите да дојдат и да се вакцинираат“, вели Фатиме Исмаили Али, лекарка во Здравствен дом Липково.
Од овој пункт дополнуваат дека интересот е поголем кај помладите поради патувањата. Најмладиот пацинет кој е имунизиран има 20, а највозрасниот 78 години.
„Социјалните мрежи го прават своето се што читаат, и имаше многу позитивни минатиот период, сега треба да чекаат да закрепнат и сигурно и тоа влијае. Вакцините се најдобро решение за сите заразни болести па и ова затоа апелирам до сите да се вакцинираат да не читаат неточни информации на социјалните мрежи туку да им веруваат на лекарите“, укажува лекарката.
Според податоците на кумановскиот Здравствен дом, веќе се вакцинирани 6.000 жители на Липково. Оваа општина, заедно со Куманово, беше меѓу најпогодените од Ковид-19.
Елена Георгиевска
