Научен собир во МАНУ

Државата, идентитетот и јазикот ќе опстојат, иако политичките околности не ни се наклонети

27.09.2021 14:19

Во МАНУ, свечен собир за јубилејот од формирањето на современата македонска држава. Поранешниот претседател Црвенковски повика на создавање национална платформа за широк општествен консензус додека не се решат стратегиските цели на државата. Според првиот човек на МАНУ, Коцарев, денешните политичари се слуги на дневно-политичките и геостратегиски интереси. Во едно сите согласни, македонската држава, идентитетот и јазикот ќе опстојат, иако политичките околности не ни се наклонети...

Претрпеле вековни господари и империи, но останало живо македонското духовно и материјално наследство, поради отпорот што Македонецот го давал секаде каде живеел, порача од МАНУ претседателот на институцијата Коцарев.

Поранешниот претседател Црвенковски со остри критики. Иако не го сметал за идеален Преспанскиот договор, тој сепак затворил едно тешко прашање со Грција, но договорот со Бугарија, според него ја отворил Пандорината кутија, и ги зголемил барањата на Бугарија кои допираат до нашиот индентитет и историја, што за компромис не е можно. Посочи дека постојано се повторува една мантра, дека друга алтернатива освен членство во Европската унија нема, и праша – па зарем би се самоукинале или самораспуштиле, доколку не влеземе во ЕУ.  

Невиден преседан, е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите, посочи поранешниот претседател Иванов.

Актуелниот претседател Пендаровски, пак, во договорот со Бугарија гледа пример за приближување постигнат без странска асистенција и кој не дискриминира ниту една од страните.

Во оваа пригода се обратија и претставниците на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски.

 

Фиљана Кока