Почна трката за локалните избори
Партиите и независните кандидати ја почнаа трката за локалните избори на 17-ти октомври. Над 300 кандидати за градоначалници и 575 листи за советници ќе се борат за гласовите на 1.824.864 граѓани. Изборната кампања ќе трае 20 дена. Партиите ветуваат фер и демократски изборен процес, со целосно почитување на пропишаните протоколи. Пристигна и втората пратка од уредите за отпечаток од прст...

Близу 11 илјади кандидати за градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје во официјална трка за локални чиновници. До изборите закажани на 17-ти октомври, ќе имаат време да ги убедат граѓаните дека токму тие би требало да бидат нивниот избор.
На седмите по ред локални избори, за прв пат ќе се остава отпечаток од прст за утврдување на идентитетот на гласачите, а претседателот на Државната изборна комисија информираше дека пристигна нова пратка на читачи кои ќе го овозможат тоа.
Партиите ветуваат фер и демократски изборен процес, со целосно почитување на пропишаните протоколи.
Социјалдемократите со почетен митинг од Битола, ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, ДУИ од Гостивар, Беса во Скопје. ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори оди со 62 кандидати, СДСМ со 68, ДУИ има кандидати во 19 општини, Алијанса и Алтернатива со 15 кандидатури. Независни се 24 кандидати, поддржани од група граѓани.
Според избирачкиот список право на глас на овие избори имаат 1.824.864 граѓани.
Катерина Топалова
