Локални избори

ВМРО-ДПМНЕ почна со претставување на кандидатите, централниот митинг вечерва е во Охрид

27.09.2021 16:11

ВМРО-ДПМНЕ кампањата ја трча под мотото „Создади нова иднина - промени, проекти, победи“. Партијата почна со претставување на кандидатите и нивните програми за локалните избори. Вечерва централниот митинг е во Охрид…

Имаме политичка програма со 7 клучни цели, седум поглавја, кои што се гаранција дека со заокружување на бројот седум Аеродром ќе биде поинаква општина, рече кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, кој влезе во трката за градоначалник на оваа скопска општина.Муцунски ветува посветеност кон работата, за како што рече Аеродром да стане најубавата општина во државата.

Странски инвестиции во Битола и отворање на работни места, помош за домашните компании кои сакаат да почнат нови бизниси, најавува во својата програма кандидатот за градоначалник Тони Коњановски. Вели, се кандидира за гратски татко оти е убеден дека Битола може да биде подобро место за живеење. Коњановски вели дека градот ќе добие нови улици,ќе се реконструира, како што ја нарече - запоставената патна инфраструктура, а приоритетен проект ќе биде гасификација на градот како чекор кон здрава и еколошки чиста Битола. За да ги реализира проектите кандидатот Коњановски, кој по професија е лекар, најавува ангажман и вклученост на професионалци, луѓе од еснафот, и вели дека нема да се фаворизираат поединци и калкуланти кои имаат цел – злоупотреба на општината за личен бенефит.

Во програмата што им ја претстави на битолчани, Коњановски се залага и за современи училишта, изградба на модерен мултифункционален спортски комплекс како и велосипедски патеки по сите стандарди, со цел да се обезбеди мобилност за поголем број луѓе, но и зачувување на градското зеленило.

Актуелниот пратеник Иван Јорданов влезе во трката за прв човек на Штип. Претставувајчи ја програмата вели дека таа содржи иновативни решенија со кои ќе се унапреди животот на неговите сограѓани. Ветува квалитетни проекти кои се неопходни за нормално фукнционирање на градот. Ако ја добие довербата на претстојните избори, Јорданов ќе се залага Штип да прерасне во економски силна општина која ќе гарантира повисок животен стандард на луѓето.

Актерот Тони Михајловски ја побара довербата на кумановци. Вели, првиот проект што ќе го реализира како иден градоначалник ќе биде реновирање на Пионерскиот дом во Куманово – како Дом за креативни деца и младинци – Живко Пешевски.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, оваа кампањата за локалните избори ја водат под слоганот – Создади нова иднина. Промени, проекти, победи!

Анита Димитријевска Велковска