Заев: „Најдоброто“ носи јасна идеја и план за развојот на секој град
„Најдоброто“ носи јасна идеја и план за развојот на секој град, на секое населено место, на целата држава. На овие избори СДСМ и коалицијата ја имаат најдобрата понуда на домашната политичка сцена. Социјалдемократите ја почнаа кампањата од Битола. Служењето на граѓаните продолжува, а победата на овие локални избори ќе биде потврда и за политиките на централно ниво- смета лидерот на СДСМ, Заев...

Четири години поставуваме стандарди на одговорно и отчетно управување со државата. Ја развиваме на меѓународен, а општините на домашен план. Го унапредуваме квалитетот на живот,расте животниот стандард. Државата заедно ја поставивме во вистински правец. Патот е прав, конечно тргнавме напред и нема дилема дека најдоброто е можно, рече на синоќешниот централен митинг во Битола, лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Храбро носевме многу тешки одлуки. Одлуки кои донесоа бројни награди и номинации за нобелови награди од институции и земји ширум Европа, но и се соочија со напади и инсинуации финансирани од Будимпешта. Лидерот на најголемиот опозициски блок нема став по ниту едно прашање. Единствен негов став е кога вели не сме сите исти. Јас со него само за тоа се согласувам и знам зошто е така, рече Заев.
Покажавме дека може да се испорача најдоброто за своите граѓани, но и за регионот и светот. Резултатите што ги постигнавме изминативе неколку години беа најдобрите за државата од осамостојувањето до денес, нагласи лидерот на Социјалдемократите. Во таа насока, одговорноста на секој од нас е да го продолжиме трендот на најдоброто од централно на локално ниво.
Заев рече дека од централниот буџет биле обезбедени средства за раздолжување на општините, но и дополнителни 500 милиони евра за нови проекти од витално значење за граѓаните. Но, општините мора да ги имаат и најдобрите кадровски решенија. Како најдоброто за Битола беше претставен кандидатот за градоначалник, Христо Кондовски, кој пред своите сограѓани се осврна на десете топ проекти од неговата програма.
Во концептот Битола- зелен град одлично се вклопуваат гасификацијата и топлификацијата со кои на почетокот ќе бидат опфатени првите индустриски капацитети и 35 јавни објекти, додаде Кондовски.
Инаку на синоќешниот митинг на кој присуствуваа и поголем дел од владините министри беа петставени и останатите 67 кандидати за градоначалници на коалицијата предводена од СДСМ.
Стевче Митревски
