Европа

Недостиг на гориво во Британија, армијата на готовс

28.09.2021 13:22

Британците панично купуваат бензин, армијата на готовс. Многу бензински пумпи во земјата се останати без гориво. Пред бензинските пумпи кои работеа, се подолги редици, а купувачите чекаат со часови. Нафтените компании апелираат до возачите да се воздржат од полнење бензин. Доколку во текот на наредните денови состојбата не се подобри, британската влада има намера да ангажира возачи на армиски цистерни со цел „да се стабилизира синџирот на снабдување“...

Велика Британија ја стави армијата на готовс поради недостигот на гориво во земјата. Возачи на танкери, камиони и цистерни ќе бидат обучени за да достават нафта во регионите каде што веќе четврти ден има редици пред бензинските пумпи. Компаниите што доставуваат деривати апелираат до возачите и граѓаните да останат смирени. Економистите сметаат дека и покрај настанатат состојба не се очекува ценовен шок. Само мал број трговци на мало ги зголемиле цените на одредени артикли.

„Важно е луѓето да не купуваат или складираат гориво што не им е потребно во моментов. Ги повикувам сите да останат смирени и да им овозможат на добавувачите на гориво да ги зголемат резервите. Само така горивото ќе стане лесно достапно“, вели Алан Дејвисон- директор на логистича компанија.

Велика Британија подолг период се соочува со недостиг од работна сила. Последиците по брегзит и долгите процедури за британска виза ја оставија земјата без човечки ресурси. На земјата и недостасуваат 100 илјади возачи на камиони и цистерни со што се задава сериозен удар врз индустриите, добавувачите за храна и супермаркетите. Владата на Борис Џонсон најави привремени визи, но и обуки на кадар што недостасува.

„Ја поздравуваме најавата за привремени визи. Се што може да ја поддржи индустријата за достава во овој момент е добра работа. Постојат големи проблеми со синџирот на снабдување во моментов што влијаат на голем број производители на храна и трговци“, вели Гејлс Харли-извршен директор на супермаркет.

Најголемиот синдикат во земјата претходно побара со бензин прво да се снабдуваат работници во клучната инфраструктура, како лекари наставници и полицајци.

 

Маријана Димовска