Земјоделците да се прилагодат кон климатските услови
28.03.2014 10:54
Земјоделците ќе мора да се прилагодат кон климатските услови за да ги постигнат очекуваните стандарди во квалитетот и во приносите. Најранлива територија во Македонија ќе биде југоисточниот дел, каде што се очекува за 10 години, поради намалените врнежи, значителен пад на производството...

Зголемување на конкурентноста на агросекторот и на квалитетот и безбедноста на храната, одржливо управување со ресурсите, како и подобрување на условите во руралните средини, се само дел од мерките што Македонија треба да ги преземе за ублажување на последиците од климатските промени во земјоделството. Од намалувањето на врнежите и на водните ресурси што во наредните децении драстично ќе се почувствува најмногу ќе страдаат пролетните култури, маслодајните растенија и житата.
„Најлесните прилагодувања беа во технологијата на производство, со мали промени коишто би донеле одредени подобрувања околу заштитата на растенијата“, вели Слободан Банџо од Земјоделски институт Скопје.
Кон климатските промени ќе мора да се прилагодат и земјоделците. Експертите сугерираат дека тие треба да размислуваат за напуштање на досегашните традиционални начини на производство, особено во делот на обработката на почвата, употребата на заштитните средства и одржувањето на плодноста, и да се насочат кон примена на современи системи за наводнување и замена на досегашните култури со нов.
Според истражувањето што го има направено Мрежата за рурален развој за адаптирање на земјоделството врз климатските промени, резултите покажале дека температурата до 2025 д ќе расте во просек за еден до 3,8 степени, просечното количество врнежи ќе се намали за три до 13 отсто, а вкупните економски штети од намалените приноси на зимска пченица, грозје и луцерка се очекува да достигнат 30 милиони евра. Во Македонија најранливи ќе бидат југоисточниот и централниот дел на земјава.
Катерина Давчева
