Џафери: Пречка за нормално функционирање на законодавниот дом се комисиите
Спикерот Џафери најавува можно свикување итна собраниска седница за продолжување на рокот за спроведување на пописот. За теренската операција преостануваат уште два дена. Собранискиот претседател вели дека пречка за нормално функционирање на законодавниот дом се комисиите. Од политички и од лични причини, претседателите не закажуваат комисиски расправи- тврди Џафери...

Нема пречка да се свика итна седница за продолжување на пописот, доколку партиите постигнат консензус, појаснува спикерот Џафери. Посочи дека тоа е можно, пред да истече рокот- 30 септември. Алармот беше вклучен по хакерските напади, за што беа изгубени неколку дена. Системот сега функционира непречено.
Од статистика велат дека досега се пребројани околу 1,7 милиони луѓе. И натаму на пунктовите во општините, граѓани чекаа ред за попишување.
Претседателот на Собранието смета дека анкетна комисија за пожарот во тетовската модуларна болница, во која настрадаа 14 лица, ќе има, но откако ќе заврши истрагата. Собранието не е истражен орган, ниту суд.
Спикерот Џафери информираше дека во Собранието пристигнало известување од МНР дека екс министерот и универзитетски професор Љубомир Фрчкоски е предложен за амбасадор во седиштето на Обединетите нации во Њујорк. Нагласи дека именувањето на дипломатите е исклучива надлежност на владата и шефот на државата, и според него нема логика кочењето на Комисијата за надворешна политика со која претседава Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Џафери се пожали и од неажурноста на повеќе претседатели на собраниски комисии, за, како што рече одолговлекувањето на носењето на голем број закони. Причина плус за измени во Деловникот, категоричен Џафери, посочувајќи дека пратениците треба да ги тргнат личните и партиските интереси и да работат за граѓаните кои ги избрале.
Наташа Гркова- Петрушевска
