Претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен во посета на Македонија
Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен во посета на Македонија, втора дестинација во рамките на турнејата на Западен Балкан. Главна тема во разговорите со државниот врв- спорот со Бугарија и неговото надминување...

Претседателката на Eвропската комисија, Урсула фон дер Лајен на турнеја низ Западниот Балкан со цел да се увери во европската перспектива на земјите од регионот. Турнејата ја почна од Албанија и Северна Македонија кои сѐ уште чекаат за официјален почеток на пристапните преговори со Унијата.
Фон дер Лајен од Тирана порача дека Европската комисија работи напорно преговорите со Албанија и Северна Македонија до почнат до крајот на годинава.
„Целосно поддржувам придвижување во процесот на пристапување со Албанија и Северна Македонија што е можно побрзо. Ги опишавте потешкотиите, но верувајте ми, одлучни сме тоа да се случи и да ја имаме првата меѓувладина конференција за да можеме да ги почнеме пристапните преговори. Напорно работиме на тоа и може да се сметате на мене. Навистина сакам да го придвижам процесов и да почнеме преговори пред крајот на годинава. Тоа е целта“, нагласи Фон дер Лајен.
Како да се надмине ветото од Бугарија за почеток на преговорите била една од темите на средбите со премиерот Заев, вицепремиерот за европски прашања Димитров и шефот на дипломатијата Османи.
Фон дер Лајен дала поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“, како дел од Берлинскиот процес, ја нагласила поддршката од ЕУ во сите области: реформите, справување со пандемијата, испораката од 2,6 од 15 милиони евра за образование и вработување на 60.000 млади во земјава преку проектот „Гаранција за младите“.
Во моментов првиот човек на Европската комисија е во посета на Младинскиот културен центар во Скопје реновиран со финансиски средства од ЕУ, по што ќе одржи прес- конференција.
Вечерва Фон дер Лајен ќе има вечера кај претседателот Пендаровски, на која ќе присуствува и претседателот на собранието Џафери.
Утре, пак, во Скопје доаѓа и еврокомесарот за проширување и соседска политика Вархеји, кој минатата недела беше во Софија. Таму разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите на Македонија во Унијата.
Ирина Гелевска
