Фон дер Лајен: Целта е почеток на преговори до крајот на годинава
Шефицата на Европската комисија допатува во Скопје. Урсула Фон дер Лајен рече дека дава целосна поддршка за отпочнување на пристапните преговори во декември, бидејќи регионов ја споделува европската иднина. Позицијата на комисијата не е променета, уверува Фон дер Лајен, којашто посочи дека двете земји ги исполниле задачите и сега е ред на Брисел да се држи до својот дел од договорот. Премиерот Заев очекува Бугарија да ја тргне блокада којашто негативно се одразува на целиот регион...

Вашата иднина е во Европската унија, порача претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен при посетата на земјава. Таа рече да не треба да бидеме разочарани, туку да го направиме последниот чекор до преговорачкиот процес. Брисел работи напорно со Софија и Скопје за остранување на последната пречка на интегративниот пат и има идеи како да се надмине блокадата, истакна шефицата на комисијата. „Целта е почеток на преговори до крајот на годинава“, истакна гостинката.
Премиерот Заев повтори дека нема алтернатива на членството во ЕУ и дека смета до крајот на годинава може да се најде решение за отстранување на блокадата од Бугарија.
Претседателката на Европската комисија констатираше дека земјава напредува во реформите, особено во владеењето на правото. Апелираше сите да се вакцинираат за заеднички да ја надминеме пандемијата, а Унијата ни додели грант од 2,6 милиони евра за образование и вработување на младите.
Фон дер Лајен за една недела повторно ќе се сретне со лидерите од Западниот Балкан во Словенија, каде освен за проширувањето, сака да ги вклучи идните земји члленки во дебатата за иднината на Европа.
Ден по нејзината посета, кај нас на разговори со државниот врв доаѓа еврокомесарот за проширувцање Оливер Вархеји со слична мисија како минатата недела во Софија, да се најде решение за остранување на блокадата на Бугарија за почетокот на преговорите.
Ирина Гелевска
