Политика

Вархеји во Скопје на средби со државниот врв

29.09.2021 09:30

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска ќе престојува во земјава и ќе има средби со државниот врв. Прва е средбата со премиерот Зоран Заев и со членови на Владата, по што, Заев и Вархеји ќе одржат прес-конференција...

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска ќе престојува во земјава и ќе има средби со државниот врв. Прва е средбата со премиерот Зоран Заев и со членови на Владата, по што, Заев и Вархеји ќе одржат прес-конференција.

Предвидено е еврокомесарот да се сретне и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, и да се обрати пред пратениците во законодавниот дом. Најавен е и работен ручек на Вархеји, со претседателот на државата Стево Пендаровски.

За време на престојот во земјава, еврокомесарот ќе се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Вархеји доаѓа во Скопје откако вчера беше објавен извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата на патот кон ЕУ, како и економскиот план за Западен Балкан.

По тој повод тој вчера во Брисел одржа и прес-конференција од каде што порача дека целта на Европската комисија е првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи до крајот на 2021-ва година.

Вархеји минатата недела беше во Бугарија каде што разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите.