Локални избори

ДКСК: Партиите без исклучок ги заобиколуваат законските прописи

29.09.2021 13:32

Политичките партии без исклучок ги заобиколуваат законските прописи, со низа активности на терен пред официјалниот старт на кампањата, а постојат и дојави за злоупотреба на државните ресурси, велат од Државната комисија за спречување на корупцијата. До нив, е стигната и 21 пријава од кои 9, се однесуваат на активности на општините, 6 за незаконско постапување на одговорни лица во училишта, и 5 за други државни институции...

Отсуство на интегритет на политичарите во изборниот процес. Антикорупциската комисија утврдила дека партиите без исклучок ги заобиколувале законските прописи уште пред стартот на кампањата со низа активности на терен. Ќе утврдуваат и дали е точно дека службени автомобили во работно време се користеле за партиски активности, но и дали со државни пари се точело гориво во приватни возила.

Антикорупциска ќе има и 16 набљудувачи задолжени за мониторирање на учесниците на изборите во 46 општини. Дополнително 4-ца аналитичари ќе ги следат финансиските транскации што ги уплаќаат донаторите за да се види дали парите се легални.

До антикорупциска се пристигнати и 21 претставка за незаконско постапување, од кои 9 се однесуваат на активности на општините, 6 за  одговорни лица во училишта и 5 за други државни институции.

 

Анита Димитријевска Велковска