Алијанса и Алтернатива најавија нова ера во управувањето
Коалицијата Алијанса и Алтернатива ја претсатвија програма за локалните избори пред жителите на Липково. Најавија нова ера во управувањето. Ги повикаа и неопределените да им се приклучат во оваа изборна трка до конечна победа...

Коалицијата Алијанса и Алтренатива од Липково најави нова ера во управувањето. Поинакво од досегашното менаџирање на локалните власти кои како што рекоа не направиле ништо веќе две децении за жителите на овој крај. Коренито менување на инфраструктурата, вети нивниот кандидат Арсим Идризи. Тој додаде дека за тоа е потребно и коренито менување на властите во општината.
„Сега е најсоодветниот момент и време за целосна промена на структурите кои раководат со општина Липково. Сведоци сме дека со децении не сторија ништо да ја подобрат социјалната благосостојбата на жителите, ниту пак за инфраструктурата. Во Липково може да се видат и неасфалтирани улици, нема водововод, ниту канализација. Уверен сум дека со изборот на Арсим Идризи оваа општина ќе забележи развој во сите сфери“, нагласи Африм Гаши.
Дваесет години поминаа без конкретен напредок, во навреди, понижување и деградирање на граѓаните Албанци во земјава, рече пред насобраните претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.
„Дваесет години непроменета власт претставува дваесетгодишно едноумие. Дваесет години функционери на власт кои на моменти дејствуваат против интересите на граѓаните. Дваесет години во назадување. И сега излегуваат да го бараат повторно нивниот глас. Но, ние сме тие кои ќе ги донесат промените во општина Липково. Овие промени ќе ги осети секој жител на оваа општина“, нагласи Села.
На средбите со граѓаните коалицијата ги претстави програмата и својот кандидат и ги повика и неопределените да им се приклучат во оваа изборна трка до конечна победа.
Фиљана Кока
