СДСМ: Инвестираме во развојот на општините
Владата инвестира во развојот на општините над 550 милиони евра, а дополнително вложи и 50 милиони евра за раздолжување на локалните самоуправи, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев на собирот во Кисела Вода. Кандидатот за градоначалник Филип Темелковски вети зелена и урбана општина. Приоритени проекти за градот најави и кандидатот за Скопје, Петре Шилегов. Караванот на СДСМ денеска е во Ново Село, Босилово, Василево, а граѓанска трибина ќе има во Струмица...

Карванот на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ на трибини во скопските општини. Ги презентираа кандидатите за градоначалници, како и советничките листи. Кандидатот за градоначалник на Кисела Вода, Филип Темелковски од СДСМ потенцира дека инвестирале двојно повеќе и направиле многу повеќе споредбено со било кој период во минатото.
Темелковски ги посочи и клучните проекти во новата програма : инвестирање во мобилноста, ефикасно и брзо поврзување на најдалечните делови до центарот на градот, приближување на услугите до домот на граѓаните, создавање здрави навики, стимулирање на талентите, остварување на најдоброто од секој поединец, избор на работни места со поголеми примања.
Ја нудиме најдобрата Програма за Кисела Вода досега и за прв пат во неа не доминираат основни инфраструктурни проекти, туку развојот и безбедно и здраво живеење, рече Темелковски.
Во паркот „Ибни Пајко“ се одржа собир на СДСМ и официјалното претставување пред граѓаните на кандидатот и актуелен градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов. Пред насобраните граѓани, покрај Шилегов, се претставија кандидатите за советници во главниот град.
Според Петре Шилегов кој се трка за втор мандат, во главниот град се граделе 4 булевари истовремено само два пати, после земјотресот и денес. АСНОМ, Босна и Херцеговина, Никола Карев и Христијан Тодоровски Карпош денес се реалност која никој не може да ја избрише, дополни тој. Шилегов ги најави и приоритетните проекти за новиот мандат, а тоа е пробивањето на булеварот Македонија, кој како ултрамодерна подземна сообраќајница, завршува со модерен кружен тек кај Нова Македонија. Наскоро ќе биде завршен и булеварот Словенија, кој ќе води до Волково и Ново Село, а ќе биде поврзан и со мостот на Љубљанска. Во центарот на градот се изведува и една од најголемите пешачки зони во Европа, која ќе се протега од Собранието до Палома Бјанка и од Старата железничка станица до Бит пазар, истакна Шилегов.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев, порача дека упорноста, храброста и визијата на Петре Шилегов се причината што Скопје денес има модерен, европски лик, и е на вистинскиот правец напред кон иднината.Според Заев, Шилегов е фаворит затоа што граѓаните во него препознаваат одговорен, стабилен и посветен градоначалник, кој не калкулира со својот рејтинг кога носи решенија за градот.
Коалицијата на СДСМ на средба со граѓаните ја промовираше и советничката листа во општината Чаир.
Игор Панов
