Средба Заев- Вархеји: Европскиот пат важен за двете страни
Отстранување на блокадата од Бугарија за почеток на преговорите - еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји по Софија, во посета на Скопје на разговори со македонските власти. На средбата со премиерот Заев бил разгледан напредокот во процесот на евроинтеграцијата...

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји по Софија во посета на Скопје, за да разговара со македонските власти за остранување на блокадата на Бугарија за почеток на преговорите.
Заев објави- со Вархеји се согласиле дека eвропскиот пат е важен за двете страни кои се посветени на тој процес. Една од темите биле подготовките за престојниот самит за Западен Балкан во Словенија каде ќе има одличен простор за заедничка дискусија. Било разговарано и за економскиот инвестициски план , што е позитивен импулс за земјава, чии конкретни проекти ќе бидат објавени до крајот на годината.
Вархеји минатата недела беше во посета на Софија каде бугарските власти повторија дека бараат конкретни чекори од Скопје за да го остранат ветото на преговорите.
Посетата на Вархеји доаѓа ден по посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, која сака да види почеток на преговори со Албанија и Северна Македонија до крајот на годинава. Фон дер Лајен рече дека се работи напорно со Софија и Скопје за остранување на последната пречка на интегративниот пат и дека постојат идеи како да се надмине блокадата.
Ирина Гелевска
