Статистика

Последен ден од пописот

30.09.2021 09:13

До вчера се попишани вкупно 1.760.194 лица, 546.080 домаќинства и 789.406 станови, додека можноста за самопопишување на лица во странство, досега ја искористиле – 201.247 граѓани од дијаспората...

Согласно Законот за попис, денеска е последниот 26-ти ден од Пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава. До вчера се попишани вкупно 1.760.194 лица, 546.080 домаќинства и 789.406 станови, додека можноста за самопопишување на лица во странство, досега ја искористиле – 201.247 граѓани од дијаспората.

Продолжување на Пописот засега не е побарано од Државниот завод за статистика, кој, како што посочија вчера од Владата, ќе го има последниот збор за тоа.

Директорот на Статистика, Апостол Симовски, вчера изрази уверување дека Пописот ќе заврши во законскиот рок и потврди дека досега немаат побарано продолжување.

Нас ни е битно да бидат опфатени сите објекти за домување. Ние имаме своја технологија по која го следиме процесот и ќе знаеме дали и кога точно ќе го завршиме процесот. Согласно сегашните процеси, очекуваме и уверени сме дека ќе завршиме во законскиот рок, изјави Симовски за МИА.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, вчера истакна дека целта е сите граѓани да се попишат и ниту еден да не остане непопишан, и дека се во постојана комуникација со Заводот за статистика и врз основа на нивните проценки и информации ќе носат одлуки за понатаму.

Од Државниот завод за статистика информираат дека со сиот расположлив потенцијал се работи непрекинато и според утврдените рокови предвидени во Законот за попис.

Освен во своите домови, граѓаните можат да се попишат и на одредени пунктови во нивните општини, што ги отвори Државниот завод за статистика.

Пописот на населението, домаќинствата и становите кој официјално започна на 5-ти септември, согласно Законот за попис трае до денеска, 30-ти септември.